Турција го подготвува Синирлиоглу за трката за шеф на ОН

Турција се подготвува да го кандидира Феридун Синирлиоглу, актуелен генерален секретар на ОБСЕ и поранешен министер за надворешни работи, за наследник на Антонио Гутереш на чело на Обединетите нации, објави „Туркије тудеј“, повикувајќи се на турски извори.

Според информациите на порталот, Анкара го очекува исходот од неформалното гласање во Советот за безбедност в четврток, на 29 октомври. Официјалното објавување на кандидатурата би можело да следува в петок навечер, откако турските власти ќе ја проценат поддршката за останатите кандидати.

Во досегашните шест неформални гласања, според истиот медиум, ниту еден кандидат не ја обезбедил поддршката на сите пет постојани членки со право на вето. Таквата поделеност ѝ отвора простор на Анкара да предложи дополнително име во трката.

Синирлиоглу ја води Организацијата за безбедност и соработка во Европа од декември 2024 година. Претходно, од 2016 до 2023 година, бил постојан претставник на Турција во ОН, а во преодната турска влада во 2015 година ја извршувал функцијата министер за надворешни работи. Долги години бил и на високи раководни позиции во турското Министерство за надворешни работи.

Изборот на нов генерален секретар бил тема и на вчерашниот телефонски разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и францускиот претседател Емануел Макрон. Според официјалното турско соопштение, Ердоган нагласил дека идниот шеф на ОН треба да има визија и искуство за спроведување реформи и за зајакнување на мултилатералната соработка.

„Туркије тудеј“ ги издвојува поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспан, и директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, меѓу посилните претенденти за функцијата.

Мандатот на Гутереш завршува на 31 декември 2026 година, а неговиот наследник треба да ја преземе должноста на 1 јануари 2027 година. Генералниот секретар го именува Генералното собрание по препорака на Советот за безбедност, каде што противењето на која било од петте постојани членки може да го блокира изборот.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?