Поранешната шпанска министерка за вработување и социјална сигурност, Фатима Бањес (59), загина во железничката несреќа што се случи денеска, 28 октомври, во близина на Урда, во шпанската провинција Толедо. Весникот „АБЦ“, повикувајќи се на извори од Народната партија, ја објави информацијата за нејзината смрт.
Бањес се наоѓала во воз на компанијата „Ирио“, кој сообраќал од Мадрид кон Севилја. Во него одзади удрил брз воз АВЕ на „Ренфе“, по што повеќе вагони излетале од шините. Судирот се случил нешто пред девет часот утрово.
Поранешната министерка патувала во Севилја за да присуствува на Денот на андалузиското стопанство, настан организиран од Конфедерацијата на претприемачи на Андалузија. Таа била претседателка на Фондацијата на шпанската конфедерација на работодавачи, ЦЕОЕ.
Во првите часови по несреќата нејзиното семејство и сопартијците безуспешно се обидувале да стапат во контакт со неа. ЦЕОЕ претходно потврдила дека патувала во еден од возовите, додека информацијата за нејзината судбина сè уште не била позната.
Бањес беше министерка во владите на Маријано Рахој од декември 2011 до јуни 2018 година. Нејзиниот мандат заврши со изгласувањето недоверба на владата на Рахој, по што премиерската функција ја презеде Педро Санчез.

