Николоски во јануари прогласи успех, во октомври бара помош: транспортерите и натаму чекаат решение

Александар Николоски во јануари објави дека барањата на македонските превозници се прифатени во Брисел, а девет месеци подоцна бара германските компании да лобираат за надминување на истиот проблем. На средбата со Македонско-германското стопанско здружение во Скопје на 28 октомври, министерот за транспорт повторно зборуваше за преговори во напредна фаза, но не соопшти договорен рок за решение со Германија.

Меѓу јануарската објава за успех и октомвриската молба за помош се наредија најави, разговори и делумни олеснувања. Она што недостига е системско решение што ќе им овозможи на професионалните возачи да ги извршуваат меѓународните тури без ограничувањата поради кои ги блокираа границите. Токму разликата меѓу најавеното и постигнатото го отвора прашањето зошто Николоски создаваше впечаток дека разврската е поблиску отколку што покажуваа европските одлуки.

На 26 јануари министерот отиде на граничниот премин Блаце и ги поддржа превозниците што учествуваа во регионалните блокади. Протестот го оцени како навремено предупредување до европските држави. Возачите бараа посебен третман за професионалната работа при пресметувањето на дозволениот престој во Шенген-зоната.

Три дена подоцна, Николоски прогласи дипломатски напредок со порака што звучеше како исполнување на барањата.

„Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави тој на 29 јануари, најавувајќи дека новата европска визна стратегија ќе значи решавање на проблемот.

Но стратегијата усвоена истиот ден не го укина ограничувањето од 90 дена краток престој во период од 180 дена. Европската комисија ја препозна потребата на возачите и другите мобилни професионалци за подолг престој и најави барање практични решенија, вклучително и разгледување нови правила. Документот отвори процес, но не им даде автоматско изземање на превозниците. Токму тука политичкото претставување на успехот ја надмина содржината на постигнатото.

Во март следуваше нова најава од премиерот Христијан Мицкоски. На 12 март тој изјави дека проблемот најверојатно ќе се реши со годишни визи со повеќекратни влезови и излези. Сепак, времетраењето на важноста на визата и дозволениот престој се различни работи. Повеќекратните влезови сами по себе не значат право на престој подолг од ограничувањето 90/180.

До август се промени и ставот на Николоски за протестите. Министерот што во јануари ги поддржа блокадите, на 14 август оцени дека протестите не се решение и се заложи за индивидуален пристап преку билатерални договори. Превозниците останаа со истото основно барање, но владината поддршка за нивниот начин на притисок веќе беше поинаква.

На 16 септември, пред австриски стопанственици, Николоски ја изнесе и дотогаш најдиректната оценка за резултатите: „Веќе осум месеци имаме разговор и дијалог што не вродува со сериозен плод“. И тогаш побара помош за долгорочни визи, по претходните најави дека излезот е на повидок.

Сега помош бара од германските компании. Како позитивни примери ги посочува Швајцарија и Хрватска, додека Германија, Австрија, Словенија и Унгарија остануваат меѓу државите со кои треба да се договорат соодветни аранжмани. Македонско-германското стопанско здружение оцени дека може да помогне со лобирање.

Таквата поддршка може да ги засили дипломатските напори, но не ја заменува одговорноста на Владата за договорите, роковите и условите за нивна примена. Делумните олеснувања се важни за возачите што можат да ги користат, но нивниот опфат не смее повторно да се претставува како решен проблем за целиот сектор.

Според објаснувањето на Европската комисија, долгорочната виза или дозволата за престој издадена од една шенгенска држава не обезбедува неограничен престој во другите членки. За нив и натаму важи ограничувањето од 90 дена во период од 180 дена. За превозниците останува пресудно кои земји се опфатени, какви документи добиваат и како се пресметува престојот по целата рута до крајната дестинација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?