Што му прави ултрапреработената храна на детскиот мозок?

ВИ генерирана фотграфија

Чипсот, бисквитите, засладените житарки и другите индустриски преработени производи можеби влијаат на начинот на кој детскиот мозок реагира на храна. Ново американско истражување покажува дека децата кои консумираат повеќе ултрапреработена храна имаат посилна активност во делот од мозокот поврзан со чувството на награда и мотивација. Оваа реакција е поврзана и со поголемо зголемување на телесните масти во текот на следната година.

Истражувањето, објавено во научното списание JAMA Network Open, опфатило 46 деца на возраст од седум до десет години, кои на почетокот имале нормална телесна тежина.

Научниците од Универзитетот на Јужна Калифорнија ја анализирале нивната исхрана и со магнетна резонанца ја следеле мозочната активност додека децата гледале фотографии од привлечна храна, како колачиња и помфрит.

Резултатите покажале дека кај децата кои внесувале повеќе ултрапреработени производи се забележувала посилна реакција во дорзалниот стриатум, дел од мозокот што учествува во процесите на наградување и мотивација.

Една година подоцна, децата со поизразена активност во овој дел од мозокот имале поголемо зголемување на индексот на телесна маса и процентот на телесни масти.

Зошто мозокот реагира на ваквата храна?

Ултрапреработената храна често содржи комбинации од шеќери, масти, сол и адитиви што ги прават особено привлечни за консумирање.

Научниците претпоставуваат дека честото внесување ваква храна може да биде поврзано со поголема чувствителност на мозокот на визуелните сигнали за храна.

Тоа би можело да помогне да се објасни зошто одредени производи предизвикуваат силна желба за јадење, дури и кога детето не е гладно.

Според истражувачите, детството е особено важен период бидејќи мозокот сè уште се развива, а навиките и преференциите во исхраната допрва се формираат.

Не е докажано дека храната го менува мозокот

Авторите нагласуваат дека резултатите не докажуваат директна причинско-последична врска. Истражувањето опфатило релативно мал број деца и не може со сигурност да утврди дали ултрапреработената храна предизвикува промени во мозочната активност или децата со поизразена чувствителност на храна почесто избираат такви производи.

Сепак, резултатите отвораат нов правец во истражувањето на детската дебелина, кој не се ограничува само на бројот на внесени калории.

Истражувачите планираат дополнителни испитувања во кои дел од децата ќе преминат на помалку преработена исхрана, за да се утврди дали тоа ќе доведе до промени во мозочните реакции.

Научниците посочуваат и дека одговорноста не може да биде само кај родителите. Ултрапреработените производи често се поевтини, подостапни и попрактични од свежата храна, поради што подобрувањето на исхраната бара и пошироки промени во понудата и достапноста на поздрави производи.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?