ЕУ плаќа речиси 10 милијарди евра повеќе месечно за нафта во споредба со лани

нафтата

Европската Унија во вториот квартал од 2026 година трошела во просек по 27,6 милијарди евра месечно за увоз на нафта, што претставува скок од 55,8 отсто во однос на истиот период лани, иако увезените количини останале речиси непроменети.

Трошоците за нафта пораснаа за 9,9 милијарди евра месечно главно поради кризата на Блискиот Исток и нарушените испораки низ Ормутскиот Теснец, покажуваат најновите анализи. Додека сметката драстично се зголеми, обемот на увезена нафта порасна за само 1,2 отсто – од 36,3 милиони тони месечно во 2025 година на 36,7 милиони тони годинава. Цената по тон се искачи од 487 на 750 евра, со што се врати на рекордното ниво од 2022 година.

Просечната цена на суровата нафта „брент“ во вториот квартал беше за 49,5 отсто повисока во однос на просекот од 2025 година, односно за 34 долари по барел. Преку Ормутскиот Теснец вообичаено поминуваат околу 20 милиони барели дневно, или речиси 20 отсто од светската потрошувачка. Секое нарушување на оваа рута директно го притиска глобалниот пазар.

Ваквите движења сериозно ја погодуваат Унијата бидејќи нејзината зависност од увоз на нафта од трети земји надминува 90 отсто, додека според Евростат во 2024 година таа изнесувала 96,6 отсто. Дополнителен притисок создава и силната побарувачка во Азија, пред сè во Кина, со која Европа директно се натпреварува за достапните количини.

Нафтата учествува со 95 отсто во вкупниот раст на европската сметка за енергенси, додека кај гасот, јагленот и течниот природен гас промените се минимални.

Поскапувањето веќе се прелева кај потрошувачите. Дизелот во ЕУ на почетокот на јануари чинеше 1,54 евра за литар, кон крајот на септември достигна 2,24 евра, а во средината на октомври се задржа на 2,14 евра, што е зголемување од 38 отсто од почетокот на годината. Полнењето на резервоар од 50 литри дизел сега чини околу 107 евра, наспроти 77 евра во јануари. Бензинот од 1,60 евра се искачи на 1,99 евра за литар.

Енергетските експерти предупредуваат дека поскапиот дизел брзо ќе предизвика раст на цените на храната, јавниот превоз и основните производи. Најголем притисок ќе почувствуваат транспортот, греењето, земјоделството и енергетски интензивната индустрија, додека секторот на услуги ќе остане помалку погоден. Проценките се дека високите цени на нафтата ќе се задржат во претстојните месеци и веројатно ќе продолжат во 2027 година.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?