„48 Часа“ започна нов поткаст: „Реалист“ за разговори со исклучителни луѓе

Реалист

На „48 Часа“, започна новиот поткаст „Реалист“, со амбиција да отвори простор за поинаков вид разговори со луѓе кои имаат знаење, искуство и компетентност да ги објаснат сложените општествени процеси. Прв гостин е професорот Александар Спасов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Еве што велат од редакцијата на 48 часа нивниот поткаст:

Во новинарството постојат пет основни прашања: кој, што, кога, каде и зошто. Нашиот впечаток е дека во современиот медиумски простор последното прашање сè почесто останува без доволно внимание. Секојдневно добиваме огромно количество информации за тоа што се случило, кој нешто изјавил и какви последици предизвикал одреден настан. Многу поретко добиваме можност да разбереме зошто работите се случуваат токму така.

Од оваа идеја се роди „Реалист“.

Концептот не е замислен како класично новинарско интервју, ниту како анализа во нејзината вообичаена медиумска форма. „Реалист“ ќе биде простор за разговори со исклучителни луѓе, соговорници кои поседуваат знаење, искуство и вештини во областите за кои зборуваат. Луѓе кои можат да понудат објаснувања, да отворат нови перспективи и да помогнат подобро да ги разбереме процесите што го обликуваат светот околу нас.

Слободната мисла, различните ставови и аргументираното несогласување ќе бидат составен дел од овие разговори. Но, немаме намера да произведуваме конфронтации заради гледаност, ниту вештачки да создаваме драматични моменти. Разговорите ќе ги оставиме да се развиваат природно, со доволно време за соговорникот да ја образложи својата мисла и со простор за прашања што можеби ќе нè одведат во сосема непланирана насока.

Амбицијата е „Реалист“ со текот на времето да прерасне во препознатлива медиумска идеја која ќе ја надмине формата на еден поткаст и идентитетот на еден водител.

На почетокот, во улога на домаќин ќе биде Миле Бошњаковски, но концептот не е замислен како негов авторски поткаст. Напротив, би сакале во иднина под името „Реалист“ да гледаме и други домаќини, со различни интереси, знаења и пристапи, обединети околу истата идеја: да разговараат со луѓе кои имаат што да кажат и да поставуваат прашања што заслужуваат сериозен одговор.

„Реалист“ ќе се емитува еднаш неделно, секој четврток, на платформите на „48 Часа“.

Прва епизода: Александар Спасов – Што ѝ се случува на европската демократија?

Првиот гостин на „Реалист“ е професорот Александар Спасов, кој на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ предава правна теорија и филозофија.

Со него го започнуваме првиот од планираните серијали разговори посветени на современата политичка мисла и процесите што ја менуваат Европа.

Во првата епизода разговараме за кризата на либералната демократија, за причините поради кои радикалната десница добива сè поголема поддршка во европските општества и за политичките грешки што придонесоа традиционалната социјалдемократија да изгуби значителен дел од своето влијание.

Разговорот ги отвора и прашањата за миграцијата, демографските промени и политичката поларизација. Преку примерите на Франција, Германија, Велика Британија и скандинавските земји, се обидуваме да разбереме зошто европските општества, кои со децении се сметаа за стабилни демократии, денес се соочуваат со толку длабоки политички и вредносни поделби.

Посебен дел од разговорот е посветен на генерациите родени по 2000 година. Зошто дел од младите, израснати во општества со високо ниво на индивидуални слободи и права, се свртуваат кон радикални политички идеи? Од каде доаѓа новиот бран на токсична машкост и колку генерацискиот јаз придонесува за промената на политичките вредности?

Со професорот Спасов се навраќаме и на идејата на Френсис Фукујама за „крајот на историјата“, на очекувањата од периодот по Студената војна и на прашањето зошто голем дел од тогашните предвидувања не се остварија.

Првата епизода на „Реалист“ беше објавена вчера, четврток, 29 октомври, „48 Часа“.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?