Десетици илјади работници, ученици и студенти денеска протестираат низ Италија против политиките на владата на Џорџа Мелони. Бараат повисоки плати, поголеми вложувања во образованието и здравството и намалување на воените расходи.
Протестите се одржуваат во десетици градови, во рамките на генералниот штрајк што го повика синдикатот USB, заедно со други независни синдикални организации. Во мобилизацијата се вклучени вработени од јавниот и приватниот сектор.
Според РАИ, во Милано се собрале околу 25.000 луѓе, меѓу кои голем број студенти. Во Рим, на чело на протестната колона симболично се движеле едно такси и два трактора, како знак на учеството на различни професионални групи.
Во средиштето на барањата се високите трошоци за живот и слабеењето на куповната моќ. USB бара усогласување на платите со инфлацијата, мерки за намалување на цените, сметките и кириите и поголемо насочување на јавните средства кон социјалните услуги.
Синдикатот ја обвинува владата дека издвојува премногу пари за вооружување, додека работниците и пензионерите сè потешко ги покриваат основните потреби.
Учениците и студентите протестираат и поради трошоците за домување, состојбата на училишните објекти и недоволното финансирање на образованието. Нивните денешни маршеви следуваат по повеќенеделни акции и окупации на училишта и универзитети.
Властите ги засилија полициските мерки поради страв од повторување на нередите од претходните протести. Под посебна заштита се Колосеумот во Рим и катедралата во Милано.
Дополнителен спор се отвори околу транспортот. Министерот Матео Салвини издаде налог за одложување на штрајкот во повеќе транспортни сектори, повикувајќи се на правилата за периодот околу празникот Сите светци на 1 ноември.
USB ја оцени мерката како незаконска и соопшти дека останува на повикот за штрајк, предупредувајќи ги вработените на можните санкции. Повеќе превозници, сепак, најавија редовен сообраќај, а италијанските медиуми известуваат за ограничени пречки за патниците.
Протестни акции има и во пристаништата, во рамките на меѓународната мобилизација на пристанишните работници против транспортот на оружје и милитаризацијата.
Синдикалната конфедерација CGIL веќе најави нов генерален штрајк за 20 ноември, со барања за заштита на платите и пензиите и поголеми вложувања во јавните услуги.

