Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков најави тужба против Илијана Јотова, откако таа во претседателската дебата го обвини дека бил подготвен да ја предаде бугарската позиција за Македонија. Петков соопшти дека веќе ангажирал правен тим за подготовка на тужбата, а нејзините изјави ги оцени како лаги што го претставуваат како национален предавник.
„Ќе се видиме на суд, госпоѓо Јотова!“, порача тој во објавата на Фејсбук.
Повод за реакцијата е дебатата меѓу Јотова и Андреј Ѓуров, одржана на Бугарската национална телевизија пред неделниот втор круг од претседателските избори. Во расправата за францускиот предлог од 2022 година, Јотова тврдеше дека бугарските интереси биле спасени во последен момент со интервенција на тогашниот претседател Румен Радев. Таа го спомена и заедничкото патување со Петков во Македонија како пример за неговата подготвеност да отстапи.
Петков возврати дека Јотова ги меша местото и поводот на посетата. Според него, заедно биле во Битола на отворање бугарски клуб, а не во Скопје на преговори. Објави и фотографија од настанот, оспорувајќи го нејзиното тврдење дека таму спречувала отстапување од бугарските позиции.
Посетата на Битола е забележана и во официјалните архиви на бугарската влада и на претседателската институција. Петков и Јотова на 16 април 2022 година присуствувале на отворањето на клубот „Иван Михајлов“.
Поранешниот премиер тврди дека неговата влада постигнала спротивно од она за што го обвинува Јотова. Според него, со францускиот предлог бугарските барања станале дел од заедничката европска позиција.
Истиот аргумент во дебатата го изнесе Ѓуров. Тој ја бранеше преговарачката рамка и го истакна внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав како дел од европските услови. Јотова, пак, порача дека нема да отстапи од веќе договореното. Судирот меѓу кандидатите беше околу тоа кој ги заштитил бугарските интереси и кому му припаѓаат заслугите.
Петков ги оспори и изјавите на Јотова за рускиот гас. Тој посочи дека „Газпром“ ги прекинал испораките откако Бугарија одбила да плаќа во рубли, додека договорот со турската „Боташ“ го склучила службената влада назначена од Радев.

