ФОТО: Куче со сопственик речиси две години било малтретирано во Куманово, сега се бори за живот

ФОТО ФБ: Animal Rescue Project

Луна има микрочип, име и регистриран сопственик. Но, според здружението „Анимал Рескју Проџект“ од Скопје, речиси две години поминала заробена во напуштен базен на периферијата на Куманово. Кога конечно ја извлекле, тежела едвај 10 килограми. Сега е во ветеринарна амбуланта, во критична состојба.

Женското куче од типот германски овчар, според информациите што ги објави здружението, немало можност самостојно да излезе од бетонскиот базен, длабок меѓу три и пет метри. Таму било изложено на летни горештини, зимски студ, дожд и снег, без соодветно засолниште.

До Луна повремено стигнувале храна и вода во тенџере врзано со јаже. Ѝ ги спуштале жители од локалната ромска заедница. Од здружението сметаат дека токму нивната помош веројатно ѝ овозможила да преживее до спасувањето.

Извлекувањето барало стручна помош поради длабочината на базенот и непристапниот терен. Спасувачите употребиле анестетичка стрелка, по што Луна веднаш била пренесена на ветеринар. Била затекната крајно потхранета, дехидрирана и физички исцрпена.

„Состојбата е критична. Не знаеме дали ќе преживее“, наведуваат од „Анимал Рескју Проџект“.

При прегледот бил откриен микрочипот, а со него и податокот дека Луна има регистриран сопственик. Засега не е утврдено како завршила во базенот, ниту кој сноси евентуална одговорност за нејзината состојба.

Здружението соопшти дека поднело барање до Агенцијата за храна и ветеринарство за итно постапување и утврдување на околностите. Побарало и законско одземање на кучето и пренос на регистрацијата на микрочипот на здружението, за да може да ѝ обезбеди лекување, рехабилитација и безбедно сместување.

Според објавениот апел, за Луна се предвидуваат најмалку две недели интензивна терапија и ветеринарен надзор. Потребни се дополнителни прегледи и анализи, медицинска нега и специјална храна за закрепнување.

„Анимал Рескју Проџект“ бара помош за покривање на трошоците за нејзиното лекување. Од здружението наведуваат дека веќе се грижат за стотици животни и имаат сериозни финансиски обврски, додека ветеринарниот тим продолжува да ја стабилизира Луна

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?