Свештеник ја поврза дигитализацијата со бројот 666, Андоновски го нарече антихрист

Дигиталните лични карти сè уште не можат целосно да ги заменат пластичните документи, но веќе предизвикаа жестоки реакции. Свештеникот Стеван Здравески од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА ја поврза дигитализацијата со сатаната, предупредувајќи ги верниците дека со прифаќањето на електронските документи влегуваат во „дигиталниот логор на сатаната“.

Во серија објави на Фејсбук, Здравески тврди дека новиот систем за дигитална идентификација го брише личниот идентитет и го претвора човекот во број. Според неговото толкување, зад дигиталните документи се крие опасност што ја поврзува со библиското пророштво за антихристот и бројот 666.Свештеникот оди дотаму што министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски го нарекува „антихрист“, а политичарите што ја спроведуваат дигитализацијата ги обвинува дека му служат на ѓаволот.

„Апелирам до сите крстени да не се лажат да се дигитализираат“, порачува Здравески, поврзувајќи ги електронските документи со одземање на човечката личност и идентитет.

Тој прави и споредба со означувањето затвореници во логори, тврдејќи дека дигиталните идентификациски броеви го деградираат човекот и го сведуваат на административна ознака.

Министерството за дигитална трансформација ја претстави апликацијата за електронски документи преку која граѓаните ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола на мобилен телефон. Според најавите, употребата е доброволна, а физичките документи продолжуваат да важат.

Министерот Андоновски посочи дека системот овозможува селективно споделување лични податоци, наместо при секоја идентификација да се откриваат сите информации од документот.

Сепак, дигиталните документи засега не можат да се користат како целосна замена при полициска контрола, бидејќи се потребни дополнителни технички и правни усогласувања.

Реакциите на Здравески отвораат пошироко прашање за начинот на кој технолошките промени се доживуваат во дел од општеството, каде што дигитализацијата наместо како административно олеснување се претставува како закана за верата и човечкиот идентитет.

Засега нема информации дека ставовите на свештеникот претставуваат официјална позиција на МПЦ-ОА.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?