Српската Безбедносно-информативна агенција ги прислушувала телефоните и ја следела електронската пошта на дел од обвинителите за организиран криминал, објави неделникот „Радар“, повикувајќи се на неофицијални информации и анонимен извор.
Според објавата, повод за надзорот било продолжувањето на истрагата за корупција при реконструкцијата на пругата Белград до унгарската граница и на железничката станица во Нови Сад.
Изворот на „Радар“ тврди дека преку телефоните на следените обвинители биле прислушувани и разговорите со нивните колеги, вклучувајќи го шефот на Обвинителството за организиран криминал, Младен Ненадиќ. На тој начин, според изворот, агенцијата добивала информации за планираните постапки и во други предмети.
Мерките формално биле воведени поради наводна шпионажа. „Радар“ наведува дека првите биле определени на 9 април, а последните на 7 октомври 2026 година. Прислушувањето, според неделникот, траело до 29 октомври, кога директорот на БИА, Владимир Орлиќ, иницирал негово прекинување.
Објавата доаѓа и по откривањето сомнителна опрема на Правниот факултет во Белград. Управата соопшти дека во противпожарна светилка над влезот во најголемиот амфитеатар биле пронајдени уреди за кои се претпоставува дека служат за аудио и видеоснимање.
Полицијата извршила увид и ја одзела опремата за вештачење. Ректорот на Белградскиот универзитет, Владан Ѓокиќ, побара да се утврди кој, кога и по чиј налог ги поставил уредите.
Наводите за прислушување на обвинителите се објавени на втората годишнина од падот на настрешницата во Нови Сад, трагедија во која загинаа 16 луѓе.

