Италијанската премиерка Џорџа Мелони обвини проруски хакери за објавувањето лични податоци на министерот за надворешни работи Антонио Тајани на темната мрежа. Тајани на 7 ноември соопшти дека тој и неговото семејство се изложени на закани, а нападот го поврза со италијанската поддршка за Украина.
Според министерот, неговите податоци кружеле со денови, а лицата што ги објавиле нуделе и пари за дополнителни информации за него и за неговите блиски. Тајани порача дека заплашувањето нема да ја промени неговата работа и позицијата на Италија.
Мелони изрази солидарност со шефот на дипломатијата и оцени дека тргувањето со доверливи информации за претставници на институциите е сериозен повод за загриженост, кој бара решителен одговор. Руската амбасада во Италија, пак, ги отфрли обвинувањата за вмешаност на Москва, пренесе АНСА.
Италијанското Министерство за надворешни работи потврди дека службите за кибербезбедност ги пронашле личните податоци во дел од темната мрежа достапен преку мрежата Тор. Министерството потсети дека од 1 јануари годинава функционира нова дирекција за кибербезбедност, формирана за заштита на институцијата од компјутерски упади.
Обвинителството во Рим го истражува случајот. Италијанските медиуми ја поврзуваат кампањата со проруската хакерска група „НоНејм057(16)“, но истрагата треба да ја утврди одговорноста за објавувањето на податоците и заканите.
Тајани побара хибридните закани да се најдат на дневниот ред на средбата на министрите за надворешни работи на Г7, закажана за 9 и 10 ноември во Париз. Министерството соопшти дека слични закани добиле и римскиот обвинител Франческо Ло Вои, директорот на поштенската полиција Ивано Габриели и градоначалникот Паоло Тасан-Занин.
Во случајот се вклучи и италијанскиот орган за заштита на личните податоци. Тој ги предупреди медиумите и платформите дека повторното објавување податоци добиени преку незаконски активности претставува прекршување на прописите и кога станува збор за јавна личност. Најави следење на нивното ширење и, каде што е потребно, барања за отстранување на содржините.

