Студентарија: Наместо одговор за студентскиот оброк, јавноста доби препукувања и закани кон новинарка

Додека студентите бараат зголемување на субвенционираниот студентски оброк во согласност со законските одредби, јавната дебата се пренасочува кон политички препукувања, навреди и закани кон новинари, реагира студентската организација „Студентарија“.

Организацијата реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и предупредува дека наместо конкретни одговори за неусогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата, вниманието на јавноста се насочува кон тоа кој кого навредил.

„Јавната критика не смее автоматски да се поистоветува со навреда, а заканите и заплашувањето никогаш не смеат да бидат прифатлив одговор на новинарското известување“, порачуваат од „Студентарија“.

Организацијата изразува поддршка за иницијативата на Форумот за образовни промени за судско преиспитување на неусогласувањето на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата.

Истовремено, најостро ги осудува навредите и заканите за физичко насилство упатени кон новинарката на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Милка Смилевска, која известува за ова прашање.

Од „Студентарија“ бараат надлежните институции да дадат конкретни одговори за законското усогласување на студентскиот оброк, како и да обезбедат транспарентност при подготовката на најавениот нов модел.

Организацијата бара и соодветно институционално постапување по заканите кон новинарката, нагласувајќи дека новинарите мора да имаат услови слободно да известуваат за прашања од јавен интерес.

„Студентите заслужуваат одговори, а новинарите слобода да ја работат својата работа без страв“, се наведува во реакцијата на „Студентарија“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?