Заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова Паноска, во дебатата „Топ тема“ на Телма ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка дека избегнуваат одговорност за одлуките во банкарскиот сектор. Таа тврди дека надлежните ги премолчеле спорните прашања затоа што сметале дека Александар Вучиќ ќе остане на власт во Србија.
„Ги прогледавте низ прсти овие работи, а премиерот и гувернерот се прават дека не знаат“, рече Каранфилова Паноска. Според неа, надлежните свесно влегле во процесите со таа политичка пресметка, а сега уверуваат дека сè е во ред и се однесуваат како да не знаат кој стои зад случувањата.
Во дебатата, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека сите чекори биле преземени „како по книга“ и дека мерките на Народната банка ги штитат граѓаните, депозитите и доверителите. Од партијата возвратија со обвинување дека на СДСМ му одговара дестабилизација на банкарскиот сектор.
