Управниот одбор на „Нвидија“ размислува за смена на Џенсен Хуанг по наводите за втора афера

Фото: Anderseidesvik, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Управниот одбор на технолошкиот гигант „Нвидија“ (Nvidia) подготвува состанок на кој ќе одлучува за натамошната позиција на извршниот директор Џенсен Хуанг, откако американските медиуми објавија наводи за негова втора вонбрачна врска – овојпат со потпретседателката за здравство во компанијата, Кимберли Пауел.

Според пишувањето на „Волстрит џурнал“, кој се повикува на извори блиски до компанијата, членовите на одборот на „Нвидија“ се подготвуваат да донесат одлука за иднината на 63-годишниот основач и извршен директор. Веста доаѓа во период кога компанијата се соочува со сериозен притисок по неодамнешните откритија за неговата претходна афера со жена осомничена за шпионажа во корист на Кина.

„Њујорк тајмс“ во средата објави дека постојат видеодокази на кои Хуанг и 48-годишната Кимберли Пауел разменуваат нежности во хотел за време на конференција во Сан Хозе, Калифорнија. Пауел работи во „Нвидија“ од 2008 година и важи за една од клучните фигури во напорите на компанијата за примена на технологијата на чипови во здравството и високото образование. И Хуанг и Пауел се во брак со други партнери.

Новите наводи следуваат само неколку дена откако Хуанг во писмо до вработените призна дека имал вонбрачна врска со Алис Хуанг, поранешна висока раководителка во сингапурската компанија за податочни центри „Мегаспид“ (Megaspeed). „Волстрит џурнал“ претходно објави дека двајцата биле фотографирани заедно во Тајпеј во 2024 и 2025 година.

Според американските медиуми, разузнавачките служби на САД уште минатата пролет дистрибуирале доверлив меморандум со наводи дека Алис Хуанг била оперативка на кинеското Министерство за државна безбедност. Официјален Пекинг ги отфрли ваквите тврдења како неосновани фабрикувања.

Во пораката до вработените испратена в недела, Џенсен Хуанг јавно се извини и призна дека бил неверен на својата сопруга Лори, со која е во брак од 1985 година. Истиот ден, Управниот одбор на „Нвидија“ соопшти дека покренал независна истрага во врска со извештаите дека нивниот извршен директор бил цел на странска разузнавачка операција, ангажирајќи ја адвокатската канцеларија „Вахтел, Липтон, Розен и Кац“.

Хуанг изјави дека целосно ја поддржува внатрешната истрага и дека ќе соработува во целост. Во меѓувреме, американското Федерално истражно биро (ФБИ) исто така отвори истрага за случајот, а членови на Конгресот на САД побараа од Хуанг да одржи брифинг зад затворени врати за неговите контакти со Алис Хуанг.

Подемот на вештачката интелигенција ја направи „Нвидија“ највредната компанија во светот, а Хуанг изминатиот период често се појавуваше покрај американскиот претседател Доналд Трамп на настани во Белата куќа. Минатиот месец тој од Трамп го доби и Националниот медал за наука. Иако актуелниот скандал предизвика пад на вредноста на акциите на компанијата и тужби од акционери, Трамп застана во одбрана на Хуанг, оценувајќи дека завршил одлична работа и дека е чесен човек.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?