Руте: Русија месечно губи над 40.000 војници, колку САД за целата војна во Виетнам

Русија секој месец губи повеќе од 40.000 загинати или тешко ранети војници во војната против Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Марк Руте на форумот „Атлантик фјучр“ во Осло. Првичните проценки на Алијансата покажуваат дека руските загуби во октомври би можеле да надминат 50.000 луѓе.

Руте ги спореди месечните загуби на руската армија со вкупниот број американски војници кои загинаа за време на 14-годишната војна во Виетнам. Говорејќи на форумот одржан на британскиот носач на авиони „Принц од Велс“ во Осло, тој оцени дека рускиот претседател Владимир Путин не успева да ги оствари своите цели на бојното поле.

„Соединетите Американски Држави за 14 години во Виетнам изгубија 56.000 луѓе. Овде Русија за само еден месец има 40.000 загинати или тешко ранети. Во октомври, првичните извештаи покажуваат дека оваа бројка можеби се искачила на над 50.000. Педесет илјади за еден месец“, изјави Руте.

Според првиот човек на НАТО, поради неуспесите на фронтот, Москва се обидува да ја скрши волјата на Украина за борба преку напади врз цивилното население. Тој посочи дека руските сили со ракети и дронови гаѓаат украински градови и се обидуваат да ја уништат критичната енергетска инфраструктура во пресрет на зимата.

Руте истовремено предупреди дека Русија ја засилила кампањата на непријателски и хибридни активности низ Европа, вклучувајќи подметнување пожари, инциденти со дронови и сајбер-напади, со цел да ги подели сојузниците и да ја попречи поддршката за Киев.

„Путин се обидува да нè подели, да ги дестабилизира нашите општества и да ја попречи нашата поддршка за Украина. Но, да бидеме јасни – тој не успева. За секој руски хибриден напад врз нашите земји, испраќаме уште поголема поддршка за Украина“, порача генералниот секретар на НАТО.

Претходните проценки на Северноатлантската алијанса од летото 2026 година укажуваа дека вкупните руски загуби од почетокот на инвазијата врз Украина надминале 1,4 милиони војници.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?