Светот оди кон опасно затоплување од 2,7 степени до 2100 година

Со сегашните владини политики за климата и енергетиката, светот е на пат кон пораст на глобалната температура за 2,7 степени Целзиусови до 2100 година, предупредува најновиот извештај на иницијативата „Клајмат екшн тракер“ (Climate Action Tracker – CAT), објавен за време на Конференцијата на ОН за климата (COP31) во Турција. Истражувачите оценуваат дека колективната климатска акција стагнира петта година по ред и дека светот е блиску до неповратно надминување на границата од 1,5 степени.

Проекцијата од 2,7 степени е незначително повисока од минатогодишните 2,6 степени и е на исто ниво како во периодот од 2021 до 2024 година. Дури и доколку владите целосно ги исполнат целите за намалување на емисиите за 2030 и 2035 година според Парискиот договор, затоплувањето сепак би достигнало 2,6 степени. Во најоптимистичкото сценарио, кое подразбира исполнување на сите долгорочни планови и достигнување нето-нула емисии, растот на температурата до крајот на векот би изнесувал 1,9 степени.

Според пресметките на CAT, долгорочното глобално затоплување би можело да го надмине прагот од 1,5 степени Целзиусови веќе околу 2030 година. За да се сведе тоа надминување на минимум и температурите да се вратат под таа граница до 2100 година, извештајот наведува дека е потребно намалување на емисиите за околу 4 проценти годишно до 2030 година, за 7 проценти годишно во првата половина на триесеттите години и за 9 проценти годишно од 2035 до 2050 година. За споредба, во 2020 година, за време на пандемиските затворања поради ковид-19, падот на емисиите од фосилни горива изнесуваше 7 проценти.

Во извештајот се бележат и одредени позитивни трендови, како што се рекордното темпо на воведување обновливи извори на енергија во Кина и Индија, растот на продажбата на електрични возила, падот на уништувањето на шумите во Амазонија и фактот што чистата електрична енергија ја задоволила целата дополнителна глобална побарувачка за енергија во 2025 година. Сепак, зголемената вкупна побарувачка за енергија и изградбата на нова инфраструктура за фосилни горива продолжуваат да ги зголемуваат емисиите на стакленички гасови.

„Пред владите е јасен избор – или ќе продолжат да ја поддржуваат индустријата за фосилни горива, што би го осудило човештвото на несогледливи економски штети, пораст на смртноста предизвикана од горештини и болести поврзани со климата, како и катастрофи на кои општеството не може да се приспособи, или ќе се свртат кон решенијата што се веќе достапни и поевтини од кога било досега“, изјави Бил Хер, извршен директор на организацијата „Клајмат аналитикс“ (Climate Analytics), партнер на иницијативата CAT.

Главната авторка на извештајот и аналитичарка на политики во „Клајмат аналитикс“, Сара Хек, оцени дека владите не дејствуваат доволно брзо за да го избегнат надминувањето на целните вредности. Таа посочи дека дел од државите го забавуваат темпото на климатските мерки, додека земји како САД, Канада и Нов Зеланд бележат драстично повлекување од претходните политики.

Истовремено, анализата на иницијативата „Глобал карбон баџет“ (Global Carbon Budget), објавена претходно оваа недела, покажува благ пад на емисиите на јаглерод од фосилни горива за 0,4 проценти во текот на оваа година, поттикнат од проширувањето на капацитетите за соларна и ветерна енергија, но и од судирот во Иран.

Никлас Хене од организацијата „Њуклајмат институт“ (NewClimate Institute), исто така партнер на CAT, оцени дека затворањето на Ормутскиот теснец ја покажува ранливоста на светот на геополитички шокови. Според него, аргументите во корист на обновливите извори на енергија и електрификацијата никогаш не биле посилни, а глобалните емисии би можеле да бидат на прагот на достигнување на својот врв, по што би следувал побрз пад од претходно предвиденото.

Научниците предупредуваат дека надминувањето на границата од 1,5 степени носи почести и поекстремни временски појави, вклучувајќи смртоносни топлотни бранови, поплави, бури и суши, како и пораст на нивото на морето и ризик од неповратно пропаѓање на екосистемите, како што се коралните гребени и дождовните шуми.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?