Кристин Лагард, која наскоро ја напушта функцијата претседател на Европската централна банка, би остварила резултат еднаков на оној на кандидатот од десниот центар, Едуар Филип, доколку би се кандидирала на претседателските избори во Франција следната година. Ова го покажува новата анкета нарачана од „ПОЛИТИКО“ (POLITICO).
Според истражувањето на „Кластер17“ (Cluster17), доколку Лагард се кандидираше наместо Филип, таа би освоила 14 % од гласовите, додека Филип би добил 13,5 % во конкуренција со слична група кандидати.
Иако Лагард претходно ја отфрли можноста за кандидатура, нејзиното предвремено заминување од ЕЦБ следниот февруари повторно ги поттикна шпекулациите дека таа би можела да учествува во трка во која центристичките и десничарските кандидати имаат тешкотии да се наметнат.
Во едно, инаку, крајно неверојатно сценарио – во кое Лагард би се кандидирала истовремено со Филип и повеќе други кандидати кои неодамна ја објавија својата намера (меѓу кои олимпискиот шампион во џудо, Теди Ринер, и колумнистката Наташа Полони) – таа би му била конкуренција на поранешниот премиер на претседателот Емануел Макрон, со поддршка од 8 %.
Во двата случаи, се предвидува дека кандидатката на крајната десница, Марин ле Пен, и претставникот на левицата, Жан-Лик Меланшон, ќе завршат на првото, односно на второто место, со што би се пласирале во вториот круг од изборите, кој ќе се одржи следниот мај.
Анкетата на „Кластер17“ – првото јавно истражување што ја тестира можноста за кандидатура на Лагард – покажува дека гласачкото тело од центарот е „многу променливо“, вели претседателот на институтот, Жан-Ив Дормажен. „Во оваа фаза, очигледен е недостигот на лидерство во умерениот и центристичкиот политички простор.“
Центристичкиот табор се соочува со внатрешен судир меѓу Филип и Габриел Атал, уште еден поранешен премиер. Според „Анкетата на анкетите“ (Poll of Polls) на „ПОЛИТИКО“, Филип – кој некогаш важеше за фаворит за дуел со Ле Пен во вториот круг – има потешкотии да ја зголеми својата поддршка, и покрај тоа што води кампања со месеци.
Меѓу кандидатите се и конзервативецот Бруно Ретајо (поранешен министер за внатрешни работи во владата на Макрон), градоначалникот на Кан, Давид Лиснар (од десницата), како и европратеникот од левиот центар, Рафаел Глуксман. Сите се надеваат дека ќе ги надминат сè поголемите шанси за втор круг меѓу Ле Пен и Меланшон.
Претходно, Лагард ја отфрли можноста за своја кандидатура, оценувајќи ја како „воопшто не добра идеја“, но откако на 29 октомври објави дека предвреме ја напушта Европската централна банка (ЕЦБ), таа избегнува директно да одговори на тоа прашање.
Кога во средата, за време на панел-дискусија на Парискиот мировен форум, „Политико“ ја праша дали сè уште ја исклучува можноста за кандидатура, Лагард остана на својот став: „Реков дека сакам да си ја вратам слободата на говор, слободата да се занимавам со прашања што не се поврзани со монетарната политика – и токму тоа сакам да го правам“.
Лагард ќе ја напушти функцијата во ЕЦБ на 7 февруари следната година, околу еден месец пред крајниот рок за официјално поднесување на кандидатурите за претседателските избори.

