Управата за јавни приходи ја објави Листата на должници број 11/2026, на која се наоѓаат вкупно 5.200 физички и правни лица со неплатени обврски од над 14 милијарди денари. Станува збор за долгови доспеани до 31 јули 2026 година, а неплатени до крајот на октомври.
На најновата листа на Управата за јавни приходи се евидентирани 2.006 правни лица, што претставува зголемување за 19 компании во однос на претходниот извештај, како и 3.194 физички лица, односно 41 повеќе од претходно.
Вкупниот објавен нето долг изнесува 14.024.931.031 денари и е зголемен за 83.153.020 денари. Од оваа сума, нето-долгот за даноци и придонеси достигна 13.783.982.517 денари, додека долгот по основ на царински давачки изнесува 240.948.514 денари.
На листата се објавуваат физички лица и самостојни вршители на дејност чиј вкупен долг е повисок од 120.000 денари, како и правни лица со долг над 300.000 денари. Обврските се однесуваат на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
Покрај податоците за неплатените обврски, УЈП објави и пресек за навременото исполнување на даночните обврски во текот на октомври. За исплата на септемвриските бруто-плати, обврска имале 74.782 работодавачи за 553.040 вработени. Во законскиот рок до 15 октомври, плата исплатиле 66,11 отсто од работодавачите, со што биле покриени 86,97 отсто од вработените, односно 481.003 лица.
Кај обврските за ДДВ, навремени пријави до 26 октомври поднеле 98,5 отсто од месечните и 97 отсто од тримесечните обврзници. Од пријавениот долг во вкупен износ од 5,578 милијарди денари кај 21.061 обврзник, во законскиот рок биле уплатени 45,6 отсто од средствата, односно 2,542 милијарди денари, од страна на 60,2 отсто од обврзниците.
Од Управата за јавни приходи посочуваат дека за оние кои доцнат со плаќањето, прво се доставуваат персонализирани известувања за доброволно намирување на долгот, по што следуваат законски опомени и присилна наплата преку блокада на банкарските сметки.

