Кравите од Крива Паланка го обиколија светот

Новинската агенција Асошиејтед Прес објави видео сторија од Крива Паланка, истакнувајќи дека крави кои шетаат слободно низ градот предизвикуваат хаос. Во сторијата се истакнува дека со години, жителите на Крива Паланка, опишан како земјоделски град со околу 19.000 жители во североисточна Северна Македонија, се борат со стадо говеда кое пораснало на повеќе од 1.000 животни, уништувајќи имот и загрозувајќи го нивниот живот.

АП истакнува дека како главен виновник за ситуацијата, локалните жители го истакнуваат бирократскиот лавиринт на земјата за тоа што не ја спроведе наредбата на Агенцијата за храна и ветеринарство од 2024 година за одземање на стадото од нивните тројца сопственици.

„И дури и кога властите презедоа правни мерки против еден од сопствениците, бирократските пропусти го попречија случајот и му дозволија на сопственикот да се ослободи“, вели градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Митовски побара од премиерот Христијан Мицкоски да се воведе 30 дневна вонредна состојба во општината за да се реши проблемот со кравите.

„Формиравме штаб за управување со кризи бидејќи заклучивме дека, со години, ниту една од надлежните институции не покажала ниту волја, ниту посветеност, ниту пак капацитет и ресурси за решавање на проблемот“ вели Митовски.

Митовски изјави дека кравите слободно се движат низ 34 околни села и ја обвини Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) дека не ја спровела сопствената наредба за одземање на добитокот од неговите тројца сопственици.

„Од 2024 година, стадото е сопственост на Агенцијата за храна и ветеринарство. Апсурдот е во тоа што Агенцијата издала наредба за одземање, но не успеала да ја спроведе“, рече тој, додавајќи дека општината нема законски овластувања да интервенира.Проблемот со кравите кои шетаат низ Крива Паланка станаа светска вест, откако медиумските агенции објавија видео репортажи за апсурдната ситуација.

Градоначалникот наведе дека минатата година дел од добитокот угинал во близина на главните извори на вода за градот, што создало ризик од загадување на водоснабдувањето. Тој повторно ја критикуваше Агенцијата за храна и ветеринарство поради тоа што не презела никакви мерки.

Еден од сопствениците на добитокот минатата година беше обвинет и задржан во притвор поради попречување на акцијата на Агенцијата за одземање на животните. Сепак, Митовски изјави дека сопственикот бил пуштен од притвор откако инспектор од Агенцијата сведочел пред судот дека тој всушност не го попречил обидот за одземање.

„Она што сакам да го кажам е дека станува збор за поврзан систем во кој се вклучени сериозни злоупотреби од страна на повеќе лица, па затоа е тешко да се утврди каде завршува сето тоа“, рече Митовски.

АП истакнува дека врз основа на тековните пазарни цени на добитокот, вредноста на стадото се проценува на сума помеѓу 360.000 и 570.000 евра и дека жителите бараат Владата да го понуди добитокот на продажба по достапна цена, за луѓето да можат да го купат и да се грижат за него.

Сторијата на АП изминативе денови беше пренесена од медиуми од целиот свет.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?