Опозициската СДСМ преку соопштение истакна дека Македонија е рангирана на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот бруто-домашен производ (БДП) по жител за 2026 година. Повикувајќи се на податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), од партијата наведоа дека износот за земјава изнесува 11.762 долари и ја обвинија актуелната власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски за лоши економски политики и ново задолжување.
„Според проекциите на ММФ, БДП по жител во Македонија ќе изнесува 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред нас се Србија со 17.126 долари, Црна Гора со 16.211 долари и Албанија со 13.968 долари. Босна и Херцеговина е на 43. место. Разликата со најбогатите европски економии останува огромна – Германија има повеќе од пет пати повисок БДП по жител. Ова е реалната состојба на економијата. Не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите“ велат од СДСМ.
Тие истакнвуаат дека реалноста се 4 милијарди евра ново задолжување за две години, очекуваното поскапување на парното и струјата и тоа дека нема зголемување на минималната плата.
„Мицкоски самиот кажа дека пари во буџетот нема ни за избори, затоа што државата би банкротирала. Сега на граѓаните им е јасно во каква состојба е економијата во земјата и сè она што СДСМ го зборува последната година.Мицкоски се бори само за своите криминални тендери и за својот профит како шеф на организираната криминална група што ќе ја осиромаши земјата во целост“ велат од СДСМ.
Од опозициската партија истакнуваат дека пари во буџетот нема, но дека има кај Мицкоски и, како што велат, неговата банда.

