Странските нарачки на машини ја држат индустријата, граѓаните сè помалку купуваат бела техника и мебел

Вкупниот промет во македонската индустрија во септември 2026 година е зголемен за 5,4 отсто на годишно ниво благодарение на странските нарачки за машини и индустриска опрема, додека граѓаните значително ги намалиле набавките на производи за домот. Според податоците на Државниот завод за статистика, прометот на трајни производи за широка потрошувачка на домашниот пазар е намален за 21,3 отсто во однос на септември лани.

Во групата на трајни производи за широка потрошувачка спаѓаат производи што домаќинствата ги купуваат поретко и ги користат повеќе години, како што се мебелот, белата техника, апаратите за домаќинство и потрошувачката електроника. Додека вкупниот промет кај оваа индустриска група бележи пад од 3 отсто, податоците за домашниот пазар покажуваат остар пад на потрошувачката кај македонските купувачи.

Наспроти послабата домашна побарувачка за трајни добра, вкупниот индустриски промет се одржува во позитива преку нарачките на индустриска опрема и суровини. Во однос на август 2026 година, вкупниот промет во индустријата пораснал за 25,1 отсто, додека кумулативно во првите девет месеци од годината зголемувањето изнесува 3,3 отсто во споредба со периодот јануари – септември 2025 година.

На странските пазари прометот во септември е зголемен за 5,6 отсто на годишно ниво, а во однос на август е забележан скок од 31,7 отсто. На домашниот пазар вкупниот промет пораснал за 5,5 отсто на годишно ниво и за 8,7 отсто на месечно ниво. Во првите девет месеци од 2026 година, домашниот промет бележи раст од 4,1 отсто, додека странскиот пазар пораснал за 3,4 отсто.

Главен двигател на растот се капиталните производи, односно машините, алатите и опремата наменети за производствени погони, каде што вкупниот промет е зголемен за 9,1 отсто. На странските пазари оваа група бележи годишен раст од 8,6 отсто, а интермедијарните производи, во кои спаѓаат суровините и полупроизводите, пораснале за 3,6 отсто на вкупно ниво. Нетрајните производи за секојдневна потрошувачка, како храната, пијалаците и облеката, оствариле вкупен годишен пораст од 2,4 отсто.

Поединечно по дејности, најголемо влијание врз зголемувањето на вкупниот промет во септември имаат производството на машини и уреди со годишен раст од 19,5 отсто, производството на електрична опрема со 4,7 отсто и прехранбената индустрија со 0,8 отсто. Кај производството на машини и уреди, прометот на странските пазари пораснал за 19,2 отсто, а висок годишен скок од 37,3 отсто на извозните пазари е регистриран и кај производството на компјутерски, електронски и оптички производи.

Истовремено, неколку традиционални индустриски гранки бележат пад на прометот во септември на годишно ниво. Производството на фабрикувани метални производи се намалило за 10,2 отсто, производството на облека за 8,8 отсто, фармацевтската индустрија за 6,6 отсто, а производството на мебел опаднало за 3,4 отсто.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?