Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека американските преговарачи на неодамнешните мировни разговори со Русија во Абу Даби понудиле Украина да ѝ го препушти источниот регион Донбас на Русија во замена за влез во НАТО. Зеленски го повтори ставот дека Киев не е подготвен да се повлече од својата територија, но најави можност за референдум доколку западните земји потврдат сеопфатен безбедносен пакет за Украина.
Зеленски појасни дека за првпат на преговарачката маса било поставено ваквото сценарио, при што ја отфрли можноста Украина еднострано да се повлече од своите територии.
„Американците го поставија прашањето: Што ако Украина влезе во НАТО? Дали Украина би се повлекла од Донбас? Тоа беше првпат да биде поставено такво прашање. Затоа верувам дека НАТО се врати на дневниот ред. Но, ги слушнавте и сигналите на рускиот претседател Владимир Путин и тоа е исклучително тежок разговор“, изјави Зеленски.
Според украинскиот претседател, за ваквото прашање би можел да одлучува единствено украинскиот народ на референдум, но само под услов државата претходно да добие сеопфатен безбедносен пакет. Тој пакет, како што наведе Зеленски, мора да вклучува конкретни безбедносни гаранции од НАТО и од Европската Унија, силна и добро финансирана украинска армија, како и обезбедени средства за обнова на земјата.
„Доколку западните земји ги потврдат тие гаранции, тогаш ќе го прашам украинското општество што мисли за тоа: прифаќаме или не? Немам право сам да ја донесам таа одлука“, нагласи Зеленски, додавајќи дека Европската Унија и НАТО претставуваат единствена вистинска безбедност за Европа.
Регионот Донбас, кој ги опфаќа областите Донецк и Луганск во источна Украина, е во фокусот на воените судири уште од 2014 година, додека прашањето за членство на Украина во НАТО и територијалниот интегритет на земјата претставуваат двете главни точки на спорење во досегашните меѓународни преговори за завршување на војната.

