Инклузивните зелени населби се итна потреба на Западниот Балкан, како регион во рана фаза на зелена транзиција. Ова е клучниот заклучок на истражувањето „Кон одржливи, отпорни и правични заедници“ што го спроведе Здружението РЕДИ (Иницијатива за економски развој на Ромите), покажувајќи дека жителите треба да имаат активна партнерска улога во функционирање на зелените населби и дека на овој начин, зелената транзиција ќе овозможи подобри услови за живот, формално вработување и претприемништво во ромските и во другите маргинализирани заедници.
Зелената населба како концепт ја обединува циркуларната економија (селектирање отпад, рециклирање, компостирање, поправка и повторна употреба и формално ангажирање на постојните собирачи на отпад), чистата енергија (соларни системи, енергетска ефикасност и легални, безбедни електрични приклучоци), намалувањето на загадувањето (почетни испитувања на почвата, водата и воздухот, санација, одводнување и основни комунални услуги), одржливите системи за храна (заеднички градини поврзани со локално компостирање) и биодиверзитетот и урбаното зеленило (дрвја, мали паркови и зелени површини за подобрување на животната средина и намалување на топлотниот стрес). Овој модел е целосно усогласен со Зелената агенда за Западен Балкан и Европскиот зелен договор.
Документот ја предлага општината Шуто Оризари како водечка пилот-локација за зелена транзиција, со реализација на дополнителни пилот проекти во Гостивар и други општини. Приоритети за општина Шуто Оризари се формализирање на собирачите на отпад, основна инфраструктура, безбедно снабдување со енергија и поврзување со националните политики за циркуларна економија и инклузија на Ромите.
Актуелната состојба во земјите на Западниот Балкан покажува дека населените места се многу зависни од јаглен (70% од производството на електрична енергија), нивоата на интензитет на јаглерод се три пати повисоки од просекот на ЕУ-27 и низа итни еколошки предизвици, вклучувајќи контаминација на отпадни води, губење на биолошката разновидност и неодржлива инфраструктура. Ваквите состојби уште повеќе се влошуваат поради т.н. социјална исклученост: маргинализираните ромски заедници се соочуваат со висока невработеност, несоодветно домување, несоодветни услуги и дискриминација. РЕДИ преку истражувањето констатира и дека постои огромен јаз меѓу стратегиите на национално ниво и нивната примена на локално ниво.
За да се оствари оваа зелена транзиција кон инклузивни зелени населби потребно е РЕДИ, локалните единици за локална самоуправа и партнерите, заеднички да ги идентификуваат ромските и мешаните населби каде што пилот-проектите може да демонстрираат интегрирано управување со отпад, зелена инфраструктура и решенија за обновлива енергија. Потоа, истражувањето предвидува во овие општини да се интегрираат неформалните собирачи на отпад во општинските системи, потпирајќи се на примери како што е пилот-проектот за формализација на овие работни места во Тирана, Албанија. Документот предлага нивното искуство да се признае преку регистрација, сертификација, опрема, договори и социјално осигурување.
За една населба навистина да стане почиста, позелена и пофункционална, потребни се здружени средства. Затоа, истражувањето предвидува комбинирање на општински и државни буџети, донаторски грантови и приватни инвестиции, со илустративна вредност од 220.000 до 680.000 евра за пилот-проект во траење од 18 до 24 месеци. Но промените во една населба не започнуваат само со финансии, туку и со слушање на луѓето што живеат во неа. Жителите, особено жените и младите, ќе учествуваат во одлучувањето што е најпотребно за нивната заедница, додека успешните решенија и научените лекции ќе може да се применат и во други населби во регионот.

