Лица од криминалното подземје во Македонија учествувале во подготовка на атентат врз лице во Грција, соопшти Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Според агенцијата, тие ја обезбедувале логистиката за нападот по директни инструкции од ирански државјанин.
АНБ го посочи Едрис Џахангири Маване како главен организатор на планираниот напад. Агенцијата го поврзува со лица што дејствуваат во интерес на иранските разузнавачки служби, меѓу кои го наведува и Наџи Шарифи Зиндашти. Според АНБ, членовите на мрежата се среќавале тајно во повеќе земји, вклучително и во Иран.
АНБ работела на случајот од почетокот на годинава со грчката разузнавачка служба и други партнерски служби, во координација со Бирото за јавна безбедност при МВР. Агенцијата не соопшти кој бил цел на атентатот, колку лица од Македонија биле вклучени и дали има приведени.
