Билд: Русија планирала напад во Полска за кој би ја обвиниле Украина

Полската гранична полиција, разузнавачките служби и елитните воени единици биле ставени во состојба на готовност за да спречат руска саботажа на полска територија во близина на границата со Калининградската област. Според информациите на полскиот весник Жечпосполита, пренесени од германски Билд, целта на операцијата била да се предизвика напад со голем број жртви за кој би била обвинета Украина.

Руските разузнавачки служби кон крајот на октомври или почетокот на ноември планирале операција под лажно знаме на територијата на Полска, во пограничниот појас кон руската ексклава Калининград. Високи извори од полската армија и безбедносните структури за Жечпосполита навеле дека сценариото предвидувало упад на руски диверзанти на полска територија и изведување напад со голем број човечки жртви.

По извршувањето на нападот, диверзантите требало да остават подметнати траги на самото место со цел одговорноста да се префрли врз Украина. Изворите запознаени со безбедносната акција потврдиле дека Варшава добила предупредување од партнерски разузнавачки служби, по што полските аналитичари ја потврдиле заканата.

Полските служби регистрирале присуство на руски разузнавачки офицери задолжени за координација на саботажи во близина на границата и располагале со податоци за точните локации што требало да бидат цел на напад. Поради тоа, кон крајот на октомври и почетокот на ноември во Варминско-мазурското и Подлаското војводство биле распоредени околу 180 дополнителни полицајци, засилени единици на Граничната стража, припадници на Агенцијата за внатрешна безбедност и воените специјални единици ГРОМ, НИЛ и АГАТ.

Полскиот министер-координатор на специјалните служби Томаш Шемоњак не ги коментираше оперативните детали за можните цели, но потврди дека безбедносните мерки на границата биле преземени поради реална процена на ризикот.

„Ако презедовме одредени чекори, тоа беше затоа што ја сметавме заканата за реална. Според моето мислење, сите мерки преземени во овој случај беа соодветни, а достапните докази укажуваа дека заканата е проценета како реална“, изјави Шемоњак за Жечпосполита.

Овие информации се надоврзуваат на изјавата на полскиот премиер Доналд Туск од 3 ноември 2026 година, кога тој соопшти дека во текот на ноќта била регистрирана сомнителна активност долж полско-руската граница. Полската полиција претходно формираше и посебен оперативен штаб за координирање на активностите во пограничните региони со Калининградската област, со која Полска дели копнена граница долга околу 210 километри.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?