Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола приреди виртуелно патување низ македонската култура и традиција, за девет членки на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, учесници во манифестацијата „Недела на виртуелно патување“.
Европската академска заедница на виртуелниот настан „Обединети во различноста“ (United in Diversity) беше запознаена со македонскиот фолклорен ритам „седум осумини“ (7/8), со познатата Галичка свадба и македонските народни носии, но и со глаголицата, со ексклузивна можност секој учесник да го напише со старословенско писмо своето име и државата од која доаѓа.
„Манифестацијата ‘Недела на виртуелно патување’ се одвива во текот на целиот ноември. Оваа активност е новитет на Алијансата КОЛОРС и се одржува за да се зголеми сознанието за универзитетите и за државите од кои доаѓаат во Алијансата и да се воочи тоа што сите ги обединува. Нашата понуда ја подготви јазичниот центар на УКЛО КОЛОРС, предводен од проф. д-р Виолета Јанушева, заедно со д-р Елена Шалевска, проф. д-р Марија Стојановска и други соработници. Мислам дека посебен интерес предизвика откривањето на глаголицата, првата словенска азбука, а ние се фокусиравме на буквата Ѕ како најспецифична во нашиот јазик“, истакна вонреден проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, раководителка на Хабот за тројна транзиција: социоекономска, зелена и дигитална, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.
Неделата на виртуелно патување е во тек, и освен УКЛО Битола, чиј тим се претстави на 9 ноември, до крајот на месецот виртуелно патување низ своите држави ќе понудат универзитети од Германија, Шпанија, Хрватска и од Полска, сите членки на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.
Р.Л.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

