Зеленски предлага уште 10 хуманитарни операции за евакуација на цивили

Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи спроведување на уште 10 хуманитарни операции за евакуација во регионите Херсон и Запорожје. Идејата е тие да го следат моделот на неодамнешното примирје кое им овозможи на стотици цивили да го напуштат украинскиот град Олешки, кој е окупиран од Русија.

Зеленски рече дека предлогот бил дискутиран на состанок посветен на резултатите од последните трилатерални разговори во Абу Даби.

„Украина предложи уште 10 населби во привремено окупираните области на регионите Херсон и Запорожје каде што е потребна таква хуманитарна операција“, напиша тој на социјалните медиуми.

Тој не прецизираше кои населби. Украинската дипломатска делегација ќе го презентира предлогот пред американските медијатори, објави „Еуроњуз“.

Примирјето во Олешки, кое беше на сила од 27 октомври до 1 ноември и беше иницирано од првата дама на САД Меланија Трамп, им овозможи на жителите да го напуштат градот преку безбеден коридор.

Меланија Трамп објави дека вкупно се евакуирани речиси 800 луѓе. Оние кои одлучија да се преселат на територија под украинска контрола беа транспортирани преку белорускиот град Гомељ до регионот Чернигов. Според извештаите на медиумите, други претпочитаа да заминат за Русија. Сепак, Киев и Москва не открија колку луѓе се префрлиле во двата правци.

Киев последователно тврдеше дека Русија го искористила примирјето за да ги ротира своите трупи во регионот Херсон на левиот брег.

Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец објави дека постигнал договор со својата руска колешка Јана Лантратова да апелира до првата дама на САД да го примени моделот Олешки на други окупирани населби.

Рускиот претседател Владимир Путин даде сличен предлог за време на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот специјален претставник Стив Виткоф во Кремљ на 12 ноември. Тој предложи слична операција за евакуација во Константиновка, во Донецката област, за која рече дека е под руска „контрола“. Сепак, Киев остро го оспорува ова тврдење и вели дека руските сили не го контролираат градот.

Дмитро Литвин, советник на украинскиот претседател, изјави дека Русија веројатно предлага прекин на огнот во Константиновка од истата причина како и во Олешки: да ги ротираат своите трупи.

Според украинската војска и анализата на разузнавачките информации од отворени извори, руските сили контролираат само делови од источните и југозападните периферии на градот. Значаен дел од Константиновка останува борбена зона, додека остатокот од територијата е под контрола на украинската армија. Путин постојано објавува дека руските сили воспоставиле контрола врз градот.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?