Со пренасочување ќе патуваат возачите кон Солун и назад викендов. Делницата од грчкиот автопат А1 меѓу клучките Агиос Атанасиос и Поликастро ќе биде затворена во двата правци поради планирано уривање надвозник.
Прекинот почнува во петок, 20 ноември, во 08:00 часот и ќе трае до понеделник, 23 ноември, во 12:00 часот по грчко време. Тоа е од 07:00 часот во петок до 11:00 часот во понеделник по македонско време.
Возилата што се движат кон Евзони ќе се пренасочуваат кај Агиос Атанасиос, по патот Солун–Едеса, а потоа по стариот пат Солун–Евзони преку Гефира, Прохома и Кастанас кон Поликастро. Истата траса, во обратен правец, ќе ја користат и возачите кон Солун.
Работите се однесуваат на надвозникот на 14-тиот километар. Грчката сообраќајна полиција апелира возачите да ја следат привремената сигнализација и да бидат особено внимателни во часовите со поголем сообраќај.
