Царинската управа соопшти дека цариниците од испоставата Скопје 3 спречиле обид за нелегален увоз на 2,8 тони нејодирана сол. Пратката била декларирана како индустриска сол, а увозникот, производител на храна, приложил изјава дека ќе ја користи за индустриски цели.
При контролата цариниците утврдиле дека пратката не одговара на описот во увозната декларација. Според Царинската управа, солта што се користи во исхраната мора да биде јодирана.
Против осомничените е поведена постапка, а солта е уништена на депонијата „Дрисла“ по решение на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Солта за исхрана се јодира за да се спречи недостигот на јод, кој е неопходен за нормална работа на тироидната жлезда. Доволниот внес на јод е особено важен во бременоста и во раното детство, кога се развива мозокот.
