Македонија има 78 од можни 100 поени во Индексот на закон и ред на Галуп, додека Косово има 90 и е изедначено со Данска и Финска. Меѓу соседите на Македонија, Албанија има 86 поени, Србија 82, а Бугарија 80.
Во поширокиот регион, Словенија има 88 поени, Хрватска 86, Црна Гора 84, а Босна и Херцеговина 79. Исланд, со 93 поени, има највисок резултат во Европа.
Што мери индексот на Галуп
Галуп го пресметува индексот врз основа на четири прашања. Испитаниците одговараат дали се чувствуваат безбедно кога сами пешачат ноќе во местото каде што живеат, дали имаат доверба во локалната полиција и дали во изминатата година доживеале кражба или физички напад. Резултатот ги опфаќа и чувството на сигурност и искуствата што ги пријавиле анкетираните граѓани.
Глобалниот извештај за безбедност за 2026 година беше објавен на 17 ноември. Се заснова на анкети спроведени во 2025 година со 143.620 испитаници на возраст од 15 години и повеќе во 140 земји и територии.

