Две претстави и бесплатен концерт вечерва на МОТ

Во рамки на 51. издание на Млад отворен театар (МОТ), денеска, 21 ноември, публиката ја очекува уште една фестивалска вечер исполнета со современи театарски и музички содржини. На програмата се две претстави од регионалната театарска сцена, како и концертот на косовско – швајцарската изведувачка на традиционални песни ARBËRESHË, за кој влезот е бесплатен.

Фестивалската вечер започнува во 20 часот, во салата „Фросина“ при МКЦ, со претставата „Закопани чуда“ на уметничката организација “Глумац има времена, глумица има времена” – ТАХТ од Хрватска, во режија на Нина Виолиќ.

Создадена според делото на Моника Херцег, оваа мултимедијална претстава е интимна сценска приказна за љубовта, сеќавањето и илузијата. Преку три симболични простори – Рајската градина, Мостот и Станот – публиката навлегува во еден живот исполнет со спомени, желби, нежност, страв и страст. Во претставата настапуваат Леон Лучев и Јелена Граовац Лучев. Претставата трае 90 минути и се изведува на хрватски јазик, со македонски наднаслови.

Во 22 часот, во Клуб МКЦ, следува „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ, според истоимениот роман на Милица Вучковиќ.

Претставата претставува своевидна аутопсија на една љубовна врска, раскажана од перспектива на главната протагонистка Ева, која верува во љубовта од бајките, но се впушта во врска што постепено се претвора во простор на несигурност, изолација, гаслајтинг и насилство.

Преку оваа интимна и вознемирувачка приказна, претставата ги отвора прашањата за манипулацијата, родовата надмоќ и границите на човечката издржливост. Во улогите се Џана Пињо, Ален Муратовиќ, Дариан Мехмедбашиќ и Мак Мисира. Претставата трае 100 минути, се изведува на босански јазик, со македонски превод.

Вечерта ќе биде заокружена со концертот на ARBËRESHË, со почеток во 22 часот во фоајето на сала Фросина.

Родена во Швајцарија, со косовско-албански корени, а денес базирана во Приштина, ARBËRESHË создава автентичен музички израз во кој традиционалните песни од Косово, Албанија и Македонија добиваат нова звучна димензија. Преку спојот на гласот, гитарата, тапаните и древните инструменти, таа гради хипнотичко музичко патување кое ги поврзува балканското музичко наследство и современиот звук. Влезот е бесплатен.

Фестивалската програма продолжува и утре, 22 ноември, со претставата „Свињи“ на Театар „Златен Елец“ од Битола, со почеток во 20 часот, во салата „Фросина“ при МКЦ.

Во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец, „Свињи“ е претстава во која апсурдот, црниот хумор и гротеската создаваат сурова, поетична и вознемирувачка сценска алегорија. Преку приказната за две сестри, претставата ги истражува механизмите на моќта, насилството, осаменоста и траумите од детството, отворајќи прашања за тоа како средината и наследените модели на однесување го обликуваат човекот.

Во улогите настапуваат Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска.

Билетите за театарските претстави се достапни онлајн на bileti.mkc.mk и на билетарницата на МКЦ.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?