ВРЕДИ на пречекот на Рама, Касами како опозиционер двапати одбиваше средба

фото: facebook Билал Касами

Албанскиот премиер Еди Рама денеска, 22 ноември, во Битола присуствуваше на откривањето спомен-плоча во Почесниот конзулат на Албанија, по повод 100-годишнината од отворањето на конзулатот. Во Охрид, меѓу оние што го пречекаа беше министерот за економија и труд Бесар Дурмиши од ВРЕДИ, а на граничниот премин Ќафасан со Рама беа и копретседателите на коалицијата Билал Касами и Изет Меџити и првиот вицепремиер Беким Сали кој беше и во Битола.

Во Битола, почесниот конзул Имер Селмани зборуваше за улогата на градот во историјата на албанската азбука, албанската национална преродба и дипломатијата. Посетата се совпадна со Денот на албанската азбука и 118-годишнината од Битолскиот конгрес, на кој во 1908 година беа поставени темелите на заедничката албанска азбука.

На Ќафасан, Рама и премиерот Христијан Мицкоски го промовираа системот „One Stop Shop“, со кој граничните контроли се вршат со едно застанување. Касами ја поздрави примената на системот со порака за помалку контроли и пократко чекање. Тој рече дека заложбата на ВРЕДИ е приближувањето со Албанија и Косово да се одвива преку конкретни мерки, меѓу кои заедничките гранични контроли и инфраструктурните проекти.

„Помалку контроли, пократко чекање, повеќе доверба едни во други“, напиша копретседателот на ВРЕДИ, Билал Касами, откако, како што наведе, заедно со премиерите Еди Рама и Христијан Мицкоски го промовирал почетокот на примената на системот „One Stop Shop“ на Ќафасан.

Касами во 2023 одби две покани од Рама

Во јануари 2023 година, како опозициски лидер на Беса, Касами ја одби поканата на Рама за вечера во Тирана со лидерите на албанските партии од Северна Македонија. За Euronews Albania тогаш оцени дека средбата ѝ оди во прилог на ДУИ, бидејќи го одвлекува вниманието од нејзиниот учинок во Владата во момент на внатрепартиска криза.

Во јули истата година Касами одби средба и при посетата на Рама на Скопје. Тогаш рече дека улогата на албанскиот премиер не треба да се сведува на протоколарни посети и побара од него да бара отчет од албанските партии во тогашната влада за спроведувањето на декларацијата потпишана во Тирана под негово покровителство. Во истото интервју рече дека редовно комуницира и со Рама и со косовскиот премиер Албин Курти. Еден месец подоцна, Касами го пречека Курти во Тетово и го нарече „премиер на сите Албанци“.

Подиректна критика кон Рама во октомври 2023 упати Беким Ќоку, тогаш советник на Курти, а подоцна избран за пратеник од ВРЕДИ. Ќоку го обвини Рама дека зазема став што е спротивен на интересите на Косово и ѝ оди во прилог на Србија. Во февруари 2024, Ќоку беше меѓу потписниците на декларацијата за формирање на ВРЕДИ.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?