Заврши снимањето на „Слушни ме“, музичкиот документарен филм инспириран од животот на Марко Маринковиќ – Слаткаристика. По повеќе од две години работа, проектот влегува во постпродукција, а премиерата се очекува во првата половина на 2027 година.
Филмот го следи патот на Маринковиќ од детството и соочувањето со пелтечењето до пронаоѓањето на сопствениот израз преку музиката. Неговата лична приказна е почетна точка за темите за самодовербата, предрасудите и важноста на поддршката за децата со говорни тешкотии.
Документарецот комбинира лични сведоштва, музика, играни сцени од детството на музичарот и работилници со деца. Преку овие различни пристапи, „Слушни ме“ ја поврзува приказната за создавањето на еден музички автор со искуствата на оние што се борат да бидат слушнати и прифатени.
Последната клапа ја одбележаа филмската екипа, Маринковиќ, децата што учествуваат во филмот и нивните родители. Присуствуваа и претставници на Институтот за слух, говор и глас.
Маринковиќ порача дека сака филмот да им покаже на децата со говорни или други тешкотии дека не се сами и дека нивниот глас е важен.
Продуцентот Пеце Талески од ОХО Продукција истакна дека во неговата животна приказна препознал искуство што може да допре до публика и надвор од Македонија.
Режисер на „Слушни ме“ е Раша Петровиќ, а сценариото е на Кристина Ризоска. Филмот се создава според идеја и вистинита приказна на Маринковиќ, во копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп.
Дел од оригиналната музика е снимена во студиото FAME’S во Скопје, со оркестар составен од млади музичари од Европа и од други делови на светот, учесници на Институтот FAME’S.

