Новиот пад на биткоинот ја спушти цената на криптовалутата на 54.700,28 евра на „Бајненс“ во вторникот во 15 часот. Според податоците што ги пренесе „Еуроњуз Србија“, вредноста се намали за 5,48 отсто, додека вкупниот промет со биткоин за 24 часа се искачи на 45,16 милијарди евра.
Пад на биткоинот и петти ден со одлив од фондовите
Американските спот биткоин фондови бележат нето-одлив во пет последователни трговски дена. Во последниот од тие денови, одливот изнесувал 570 милиони долари, според податоците на „Фарсајд инвесторс“ што ги објави „КоинДеск“. Од таа сума, 509 милиони долари се однесуваат на фондот IBIT на „Блекрок“.
Со тоа, вкупниот нето-одлив од американските спот биткоин фондови од почетокот на ноември достигна 4,71 милијарди долари. Според „КоинДеск“, сумата го надмина претходниот месечен рекорд од 4,5 милијарди долари, забележан во јуни.
Овие фондови се тргуваат на берза и им овозможуваат на инвеститорите да вложат во производ што ја следи цената на биткоинот. Нето-одливот ја покажува разликата меѓу тоа колку пари влегле и колку излегле од фондовите во дадениот период.
Поевтинија и етерот и солана
Етерот во истиот берзански преглед падна за 5,55 отсто на 1.540,63 евра, а солана загуби 7,86 отсто и се спушти на 64,12 евра. Индексот на страв и алчност остана на 11 поени, во зоната на „екстремен страв“.

