Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Фајненшл Тајмс: Нема брза патека за членство на Украина во Европската унија

Брисел нема да вети дека ќе го забрза процесот за приклучување на Украина кон Европската унија, на самитот во Киев, на кој ќе се разговара за членството на Украина во ЕУ, пишува британскиот магазин Фајненшл Тајмс.

Раководството на ЕУ не треба да и дава лажни надежи на Украина дека ќе стане членка во наредните години, пишува Фајненшл тајмс (ФТ), повикувајќи се на изјавите на дипломатите на земјите-членки на ЕУ во Брисел.

Според извори на кои се повикува ФТ, изјавите на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и неговите колеги за потребата од што поскоро финализирање на пристапувањето на Украина доведоа до нереални очекувања во Киев.

„Овој јаз меѓу ветувањето и реалноста расте веќе некое време. И стигнуваме до точка каде што е премногу широк“, изјави еден европски дипломат, пренесе Танјуг.

Друг дипломат рече дека „постои ризик реториката да се судри со реалноста“.

„Нема да има брза патека за членство на Украина во ЕУ… Земјите од ЕУ ќе се согласат дека Украина измина долг пат, постигнувајќи значителен напредок во реформите, но нема да има ветувања за забрзано членство“, вели извор од европската делегација на самитот. Според изворот, голем број источноевропски земји се за забрзување на пристапниот процес на Украина.

„Некои земји, првенствено источноевропските земји, инсистираат на Украина да и биде ветено забрзано членство во толку тешко време. Но, не сите земји го делат овој став. Тоа се особено големи земји-членки, кои веруваат дека не треба да му се даваат лажни ветувања на Киев“, додаде тој.

Украинскиот премиер Денис Шмигал минатата недела изјави дека владата на земјата очекува да стане членка на ЕУ за помалку од две години, откако започнаа разговорите за нејзино пристапување.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека преговорите за пристапување на Украина во Унијата треба да започнат оваа година.

На 23 септември 2022 година, шефовите на држави и влади на ЕУ одлучија на Украина и на Молдавија да им дадат статус на кандидати за членство во ЕУ.

Сè уште не е одредена временската рамка за почеток на пристапните преговори.

Брисел посочи дека Владата во Киев има уште многу работа за спроведување на важни реформи.

Унијата тврди и дека Украина може да се приклучи на европскиот блок дури по завршувањето на конфликтот на нејзина територија, пренесува Ал Џезира.

Зачлени се на нашиот е-билтен