Германија мора да ги намали ризиците во односите со Кина, изјави денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.
Нејзината изјава уследи откако германската Влада го објави долгоочекуваниот документ за нејзината стратегија за Кина, јасно дефинирајќи ја политиката на Берлин кон втората светска економија.
– Сакаме да работиме со Кина. Затоа што ни треба Кина, но и на Кина и треба Европа, напиша Бербок на Твитер.
Таа додаде дека тоа се однесува на економскиот развој, фер конкуренцијата и политиката за климатски промени.
– Не сакаме нова прекумерна експлоатација на суровините, туку правична трговија која е корисна за двете земји. Договорите за слободна трговија се дел од овој пристап, наведе Бербок.