Патниците на италијанските аеродроми се подготвуваат за доцнење бидејќи персоналот денеска штрајкува и многу летови се откажани, јави ДПА.
Италијанското здружение за заштита на потрошувачите процени дека штрајкот може да погоди околу 1.000 летови и повеќе од 250.000 патници.
Персоналот штрајкува од 10 до 18 часот по локално време.
Стотици летови, вклучително и кон и од Германија, веќе се откажани. Аеродромите ги повикуваат луѓето да го проверат статусот на нивните летови пред да патуваат.
Авиокомпанијата „Рајанер“ соопшти дека летовите до и од Италија ќе бидат ограничени или откажани поради штрајковите.
По националниот штрајк на железницата во четвртокот, ова е второ нарушување на јавниот превоз во Италија во екот на туристичката сезона и топлотниот бран.