Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Индија се одржаа масовни протести против нападите врз жени

Неколку илјади луѓе, главно жени, одржаа денеска протест во индиската сојузна држава Манипур, барајќи од властите веднаш да ги уапсат оние кои учествувале во нападот на две жени кои биле принудени да парадираат голи, објави АП.

Лидерите на неколку верски и женски организации се обратија пред околу 15.000 демонстранти кои исто така побараа разрешување на премиерот на индиската сојузна држава, Бирен Синг. Во Манипур од почетокот на мај повеќе од 130 луѓе загинаа во етнички мотивирано насилство.

Протест се одржа и во Чуракандпур, град на околу 65 километри јужно од Имфал, главниот град на државата.

Видеото на кое се гледа нападот на две жени предизвика бран на незадоволство откако стана вирално на социјалните мрежи.

На снимката се гледаат две голи жени опкружени со поголема група млади мажи кои ги фаќаат за гениталиите и ги влечат во полето.

Полицијата соопшти дека нападот се случил на 4 мај. Според полицискиот извештај поднесен на 18 мај, двете жени потекнуваат од семејство чии двајца машки члена биле убиени од хулигани. Во пријавата се наведува силување и убиство од „непознати злосторници“.

Државните власти денеска соопштија дека се уапсени петмина осомничени. Директорот на државната полиција Раџив Синг изјави дека полицијата спроведува истраги за апсење на други осомничени.

Речиси 400 луѓе денеска одржаа протести во главниот град на Индија, Њу Делхи, со слични барања. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Бараме акција против сторителите“ и „Дај оставка Бирен Синг“.

Синг не го коментираше веднаш случајот, но во четвртокот истакна дека истрагата е во тек со цел да се осигура дека „се преземаат строги мерки против сите сторители, вклучително и разгледување на можноста за смртна казна“. Тој нагласи дека треба да се знае оти „апсолутно нема место за вакви грозоморни дела во нашето општество“.

Г. Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен