Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас по што изјави дека независна палестинска држава со главен град Источен Ал Кудс (Ерусалим) е клучот за мир и стабилност во целиот регион.
Како што јави Анадолија, Ердоган денеска во Анкара со највисоки државни почести го пречека палестинскиот претседател Махмуд Абас, а по средбата зад затворени врати беше одржана заедничка прес-конференција.
Ердоган подвлече дека „неговата земја ќе продолжи да и дава секаква поддршка на Палестина“.
– Турција ќе продолжи да ја поддржува Палестина на најсилен можен начин и ќе даде се од себе за благосостојбата на Палестинците … Важно е меѓународната заедница, а особено Обединетите нации, да се вклучат во палестинското прашање, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција не може да прифати акции насочени кон промена на историската статус кво на светите места, особено кога станува збор за џамијата Ал Акса.
Ердоган го повтори ставот на Турција за поддршка на независна палестинска држава.
– Воспоставувањето на независна палестинска држава со источен Ал Кудс како главен град на границите од 1967 година, врз основа на параметрите на ОН, е од клучно значење за мирот и стабилноста на целиот наш регион, рече Ердоган.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас му се заблагодари на Ердоган, турската држава и турскиот народ за поддршката на палестинската борба.
– Поддршката на Турција за независноста на палестинскиот народ, која ја обезбедува со одбраната на Ал Кудс, е многу важна за нас, рече Абас.