Тоа не е само одличен концерт. Колку и да звучи претенциозно, додека ја „живеете“ изведбата, сведочите едно повисоко ниво на вибрација. Објаснувања како се отсвирени динамичните Бетовенови “subito” – контрасти или унисоните брзи пасажи кај Менделсон се чинат излишни
Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано
Одредени концертни остварувања на „Охридско лето“ се издвојуваат со својата посебност. Годинава, како таков настан го забележуваме концертот на гудачкиот квартет „Шуман“ од Германија. Едноставно, во нашава средина ретко имаме можност да слушаме уметнички перформанс од таков профил.
Тоа не е само одличен концерт. Колку и да звучи претенциозно, додека ја „живеете“ изведбата, сведочите едно повисоко ниво на вибрација. Објаснувања како се отсвирени динамичните Бетовенови “subito” – контрасти или унисоните брзи пасажи кај Менделсон се чинат излишни.
Речиси нереалното ниво на перфекција во изведбата, бара да се издвои некој концепт што надвладува. Би потенцирале: уметничкиот чин на квартетот „Шуман“ е интерпретациска моќност ставена во функија на вајање на музичката форма. При тоа како посебна форма го процесираме и концертот во целина, зашто постои базична „бетовенова“ нит што ги поврзува делата: Четвртиот Бетовенов Гудачки квартет оп.18 во це-мол, Првиот Гудачки кавртет од Леош Јаначек (инспириран од новелата „Кројцерова соната“ на Лав Толстој, во непосредна релација пак со истоимената Бетовенова соната) и Вториот Гудачки квартет оп. 44 во е-мол од Феликс Менделсон – по повеќе линии произлезен од постулатите на Бетовеновата музика.
Без оглед во колкава мера го познавате творечкото мајсторство на Бетовен, Јаначек и Менделсон, фасцинира обединувањето на трите квартети во една монолитна структура на чие создавење сте сведок во текот на „драмската претства“ конструирана од квартетот „Шуман“. Во првиот став кај Бетовен, Allegro ma non tanto, „го гледаме“ судирот на темите во це-мол и Ес-дур, од кое неговото „це-мол расположение“ надвладува. Изведбата на „Шуман“ квартетот крие одблесоци од „Патетичната соната“ за пијано во ц-мол, симфонизмот од „Петтата симфонија“, повторно во це-мол. Цврстината на формата ја потенцираат и низ вториот став Andante scherzoso quasi allegretto со канонични дијалози меѓу инструментите, дурските Менует и Трио, што звучат модерно, силовито, далеку од некаков старински Менует и завршното Allegro – експресивно Рондо, повторно во це-мол.
Не постои речиси никаква стилска поврзаност меѓу квартетите од Бетовен и Јаначек освен новелета на Толстој што ги поврзува. Неговиот конфликтен персоналитет отсликан во кусите репетитивни мотивски повторувања преплетени со скриени пикантни народни напеви обликуваат една сосем поинаква, неконвенционална форма. Сепак, интимниот пар на првата виолина и челото, канонично поврзани и повторно, експресивната изведба на квартетот „Шуман“, наведуваат кон латентни рефлексии од Бетовен.
Менделсон, иако во Вториот квартет што го слушнавме веќе обликува поизразено сопствен музички профил, сепак креацијата на „Шуман“ квартетот прави духот на Бетовен да проструи и во ова, како и во други раноромантични дела. Енергични брзи ставови, грациозно Scherzo и медитативни вплетувања на темите во Andante. Перфекционизам во свирењето и модерно толкување на Менделсоновата музика. Совршено заокружена концертна целина.
Браќата Ерик, Кен и Марк Шуман (прва и втора виолина и виолончело) и виолистот Хертенштајн или „Шуман“ квартет се музичари со силен артистичен интегритет. Нивната супериорност се огледува точно во таа речиси безмилосна сигурност дека нивниот интерпретациски концепт е вистинскиот. Ве убедуваат во тоа. Иако влијанието од школата на „Албан Берг“ – квартетот е видливо, а енергичните момци „Шуман“ силно се потпираат на класичните интерпретациски постулати, тие одат чекор понапред во правец на „огнено жестока“ интерпретација, во сите димензии на партитурите. Таа совршена невербална комуникација создава идеален звучен баланс што прелева меѓу виолините, виолата и челото. На моменти, замислата за предимензионираните динамички нијансирања делува зачудувачки. Но перфекционизмот и грижата за секој музички детал, буквално секој запишан тон, кај овие умтници оправдува сé.
Незалудно, тие се редовно присутни на програмите на Вигмор Хол во Лондон и членови на Камерното музичко здружение во Линколн Центарот во Њу Јорк. Членовите на квартетот „Шуман“ искажаа посебен респект кон архаичната магија на Св. Софија и желба да дојдат повторно во Охрид. Ги очекуваме.