Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Градоначалникот на Истанбул ги повика жителите на метрополата да штедат вода

Градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу ги предупреди граѓаните да ја користат водата умерено, во услови на жештините и слабите врнежи во летната сезона, објави електронското издание на весникот „Сузџу“.

Градоначалникот истакна дека според Координативниот центар за катастрофи на Истанбулската општина (АКОМ), следната недела во Истанбул не се очекуваат врнежи.

„Ги повикувам сите наши граѓани да бидат многу повнимателни и поекономични во користењето на водата. Опасноста од суша му се заканува на нашиот град и нашата земја“, предупреди тој на својот профил на социјалните мрежи.

Нивото на водата во шест од десетте брани што го снабдуваат Истанбул со вода падна под 20 отсто, а нивниот вкупен капацитет е на ниво од 33,58 отсто, објави пред неколку дена турската телевизија А Хабер, повикувајќи се на податоци на Истанбулската служба за водовод и канализација.

Објавените бројки се пријавени како најниски во споредба со истиот период во последните девет години.

Зачлени се на нашиот е-билтен