Демонстранти денеска упаднаа во локалните канцеларии на владејачката партија Баас во јужната сириска провинција Свеида, откако гладот и сиромаштија во земјата разорена од војна доведоа до ескалација на антивладините протести.
Опозициските активисти соопштија дека демонстрантите делумно го блокирале автопатот што ја поврзува провинцијата Свеида со главниот град на земјата Дамаск по антивладините протести што избија во четвртокот навечер.
Демонстрациите се предизвикани од влошените животни услови и инфлацијата, која се зголеми по минатонеделната одлука на претседателот Башар ал Асад да ги удвои платите и пензиите во јавниот сектор, поттикнувајќи ја инфлацијата и тешкотиите за сите останати.
Протестите се во јужниот град Свеида, кој е населен со малцинските Друзи и во блиската провинција Дара, која се смета за „родно место“ на сирискиот бунт што ја започна војната во Сирија пред 13 години.
Протестите засега не се проширија на владините упоришта долж брегот на Медитеранот, главниот град Дамаск и најголемите градови, вклучувајќи ги Алепо и Хомс.
Од Владата нема коментари за протестите.
Обединетите нации проценуваат дека 90 отсто од Сиријците во областите под контрола на владата живеат во сиромаштија и дека повеќе од половина од 12-те милиони жители на земјата се на работ на глад.
Во граѓанската војна во Сирија, половина милион луѓе загинаа, повеќе од еден милион беа ранети, големи делови од земјата се уништени и речиси половина од предвоеното население од 23 милиони е раселено главно во соседните земји на Турција, Либан и Јордан. с