Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Четири членки на НАТО ќе ги затворат своите граници со Белорусија во случај на „критичен инцидент“

Четири земји членки на НАТО и ЕУ: Полска и трите балтички држави-Литванија, Летонија и Естонија, денеска предупредија дека ќе ги затворат своите граници со рускиот сојузник Белорусија во случај на какви било воени инциденти или силен притисок од мигранти под влијание на Минск, објави Ројтерс.

Министрите за внатрешни работи на четирите земји во заедничка изјава соопштија дека забележуваат зголемени тензии на границите на НАТО и на Европската унија со Белорусија, која прими илјадници платеници од руската паравоена група „Вагнер“ и ги охрабрува мигрантите од Блискиот Исток и Африка за влез во ЕУ и покрај бариерите.

Четирите членки на НАТО и ЕУ, кои ја поддржуваат Украина во борбата против руската инвазија, побараа од властите на Белорусија веднаш да ги отстранат платениците на групата „Вагнер“ од нејзината територија.

Тие, исто така, побараа од Минск да ги отстрани мигрантите од пограничните области и да ги врати во нивните матични земји, предупредувајќи дека ќе следи брза реакција во случај на воен инцидент или голем прилив на мигранти.

Бараме од властите во Минск групата „Вагнер“ веднаш да ја напушти територијата на Белорусија и илегалните мигранти веднаш да ја напуштат граничната област и да бидат вратени назад во нивните матични земји. Доколку се случи критичен инцидент, без разлика дали е на полската или литванската граница, веднаш ќе возвратиме. Сите гранични премини што беа отворени досега ќе бидат затворени, истакна полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински на заедничката прес-конференција со неговите литвански, летонски и естонски колеги.

Литванската министерка за внатрешни работи Агне Билотаите изјави за медиумите дека постојат два критериума кои би можеле да доведат до затворање на границата.

Пред сè, вооружен инцидент на границата на една од земјите. Инцидентот ќе треба да претставува сериозна закана за националната безбедност. Другиот критериум е масовен пробив на мигрантите преку границата на една од државите, објасни литванската министерка.

Минатонеделната ненадејна смрт на лидерот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во авионската несреќа во Русија, покрена прашања за иднината на платеничката паравојска, која Камински ја опиша како „исклучително опасна“ и „деморализирана“. Тој, исто така, кажа дека платениците на „Вагнер“ претставуваат закана за граѓаните на Белорусија и за целиот регион.

Според декретот од петокот, објавен на веб-страницата на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин им наредил на борците на „Вагнер“ да потпишат заклетва за верност кон руската држава.

Г. Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново