Францускиот амбасадор во Нигер ќе остане во оваа земја и покрај притисокот од лидерите на неодамнешниот пуч, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон во говорот пред дипломатите на кој ја изложи визијата за новата француска надворешна политика/
Макрон, исто така, ја повтори својата поддршка за соборениот претседател на Нигер, Мохамед Базум, чија одлука да не поднесе оставка беше храбра, јавија британските медиуми.
Воена хунта ја презеде власта во Нигер со воениот пуч изведен на 26 јули. Таа на 4 август соопшти дека ги раскинала воените договори со Франција, нејзиниот поранешен колонијален владетел.
Хунтата ги смени амбасадорите на Нигер во САД, Франција, Того и Нигерија, кои беа назначени од соборената цивилна влада.