За справување со најголемиот шумски пожар регистриран досега во ЕУ што го зафати реонот на грчкиот град Александруполи, Координативниот центар за реакција при итни случаи на Европската комисија мобилизираше 11 авиони и еден хеликоптер за гаснење пожари и дополнително преку Механизмот за цивилна заштита на Унијата, шест земји членки испратија свои противпожарни тимови во Грција, соопшти денеска ЕК.
– Откако Грција на 20 август го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, вторпат во текот на ова лето, ЕУ испрати 11 авиони за гаснење пожари од Хрватска, Кипар, Франција, Германија, Шпанија и Шведска, еден хеликоптер „Блекхок“ од Чешка, како и 407 пожарникари со 62 возила од Бугарија, Кипар, Чешка, Франција Романија, Србија и Словачка, се наведува во соопштението.
Дополнително, со сателитското мапирање преку системот Коперник изработени се 20 мапи на погодените области.
– Оваа помош следи по брзата реакција на ЕУ на претходното активирање на Механизмот за цивилна заштита од страна на Грција минатиот месец, кога во земјата координирано беа испратени девет авиони, 510 пожарникари и 117 возила за справување со шумските пожари.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во пожарот кој веќе 11 дена е активен во реонот на грчкиот град Александруполи, досега изгореа над 81.000 хектари, што го прави најголема огнена стихија во ЕУ од 2000 година, од кога Европскиот информативен систем за шумски пожари почна да води евиденција за пожарите.
Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич изјави дека оваа досега најголема воздушна операција за гаснење пожари на Европската Унија, ја потврдува нејзината посветеност за брза и ефикасна колективна акција во време на криза.
– Ние сме солидарни со Грција додека се бори со разорните шумски пожари. Нашите мисли се со народот на Грција и ние ќе продолжиме неуморно да работиме за да ги заштитиме животите, имотот и животната средина. Единството и соработката на ЕУ се нашите најсилни средства за надминување на овие предизвици, додаде Ленарчич.
Инаку, за време на викендов преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, 12 лица кои се здобија со тешки изгореници при двете експлозии на станицата за течен нафтен гас (ТНГ) во местото Креведија, во близина на романскиот главен град Букурешт во саботата, беа пренесени на лекување во болници во беа пренесени во Австрија, Белгија, Германија, Италија и Норвешка