Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Венеција почнува 80. Меѓународен филмски фестивал

Во Венеција, Италија, денеска почнува 80. Меѓународен филмски фестивал, познат под називот „Мостра“, но годинава со помалку звучни имиња, поради штрајкот во Холивуд, и повеќе контроверзии поради изборот на филмови и режисери.

Без холивудските ѕвезди, 80-та „Мостра“ што ќе трае до 9 септември, ризикува да биде критикувана и поради тоа што ќе ги удостои Роман Полански и Вуди Ален, првиот осуден, вториот обвинуван за наводна сексуална злоупотреба. Се очекува поради изборот на контроверзните филмски режисери, овогодишното издание да се одвива во поинаква атмосфера, пишува францускиот весник „Фигаро“.

Филмот „Ферари“ на Мајкл Ман за основачот на познатата автомобилска марка, Енцо Ферари, годинава се натпреварува во конкуренција за главната награда „Златен лав“. Тој филм доби дозвола од американскиот синдикат да биде во конкуренција и поради ова е можно и дозволено присуството на Адам Драјвер и Пенелопе Круз, кои глумат во ова остварување.

На листата режисери, пак, се Дејвид Финчер и Софија Копола. Претседател на жирито годинава е американскиот режисер Демиен Шазел.

Полански, кој има 90 години, според наводите нема да дојде на Фестивалот. Тој престојува во Европа заштитен од американската правда, па над 40 години живее вон САД откако беше осуден за силување. Полански важи за „персона нон грата“ во Холивуд. Неговиот филм ќе биде прикажан вон натпреварувачкиот дел на Фестивалот. Станува збор за „Палата“ снимен во Швајцарија, со Фани Ардан и Мики Рурк во главните улоги.

Вуди Ален (87), кој повеќепати изминативе десетлетија се соочуваше со обвинувања за сексуална злоупотреба на неговата посвоена ќерка, што тој ги негира, ќе го претстави својот 50. филм „Coup de chanse“. Тој е снимен во Париз на француски јазик и со претежно француски глумци.

Фестивалот е основан како дел од Венециското биенале од грофот Џузепе Волпи во 1932 година. Од 1932. до 1942. главната фестивалска награда „Златен лав“ беше именувана како „Куп на Мусолини“ по тогашниот италијански фашистички диктатор Бенито Мусолини. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен