Косовскиот премиер Албин Курти ја повика меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Србија за да се расветли судбината на исчезнатите лица, која, како што наведе, е одговорна за исчезнувањето на граѓаните на Косово.
На денот на исчезнатите, Курти рече дека правдата мора да биде задоволена со казнување на политички, воени и полициски службеници одговорни за тие злосторства.
-Отворените гробови во Косово ја чекаат вистината. Тежината на отсуството ги оптеретува семејствата на 1.617 лица кои насилно исчезнаа за време на војната во Косово. Мајките го чекаат денот кога ќе положат цвеќе во спомен на своите најблиски. Киднапираните беа насилно исчезнати од извршната власт на Србија, напиша Курти на Фејсбук.
Тој додаде дека по падот на Слободан Милошевиќ, во Србија биле откриени пет големи масовни гробници во Батајница, Перуќац, Петрово Село, Рудница и Кижевац, со вкупно 950 киднапирани и убиени.
-Србија продолжува да стои над масовните гробници додека ги негира. Денес и секогаш ги повикувам меѓународните партнери да го зголемат притисокот врз Србија, како одговорна за исчезнувањето на нашите граѓани, да ја расветли нивната судбина и да ја постигне правдата со казнување на политичките, воените и полициски службеници одговорни за овие злосторства, напиша Курти.
Инаку, според последните податоци, во Косово се уште има 1.617 случаи на исчезнати лица, од кои 1.355 се мажи, а 262 се жени. м