Плановите на ерменските власти да одржат заедничка воена вежба со САД предизвикува загриженост, посебно во актуелната ситуација, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој истакна дека Русија ги анализира информациите и ја следи ситуацијата.
Изјавата на Песков уследи откако ерменското Министерство за одбрана денеска најави дека припадници на ерменската и американската армија следната недела ќе одржат заеднички воени вежби во Ерменија.
– Како дел од подготовките за учество во меѓународните мировни мисии, од 11 до 20 септември во Ерменија ќе се одржи заедничка вежба меѓу Ерменија и САД „Орел партнер 2023“, се наведува во соопштението.
Министерството посочува дека целта на вежбата е зголемување на интероперабилноста на единицата што учествува во меѓународни мировни мисии, размена на најдобри практики во контролата и тактичката комуникација, како и зголемување на подготвеноста на ерменската единица за планираната евалуација од програмата на НАТО „Партнерство за мир“.