„Фениксот од Кавадарци” е насловен играно – документарниот филм посветен на етномузикологот Васил Хаџиманов, што синоќа беше промовиран во ,,Куќата на мирис и вкус” во Кавадарци.
Хаџиманов бил етномузиколог, фолклорист и мелограф, еден од најголемите собирачи на македонски народни песни и за време на својот живот собрал повеќе од шест илјади изворни народни песни, 500 тажалки и 700 албански народни песни.
Директорот на Музеј галеријата, Јаким Зимоски рече дека филмот опфаќа дел од животот на етномузикологот.
Настанот беше дел од традиционалната стопанско – културна и туристичка манифестација посветена на грозјето, виното и другите производи од грозје.
– Музеј галеријата е на високо ниво вклучена во активностите што се организираат во рамките на ,,Тиквешки гроздобер”, нагласи Стојанче Рамов, претседател на Совет на Општина Кавадарци.
Продуцент на филмот е Миле Петковски. Сценариото и режијата се на Мишо Нетков. Директор на продукција е Диме Коцевски, а на фотографија, Тони Коцев.
Настанот беше збогатен и со музички дел. (МИА)